Израел-Хамас

Израелската армија ја продолжува операцијата во болницата Ал Шифа во Газа

16.11.2023 10:04

Израелската армија тврди дека при претрес на болничкиот комплекс „Ал Шифа“ биле пронајдени уникатни технолошки средства и воена опрема што ја користеле Хамас...

Израелската армија тврди дека при претрес на болничкиот комплекс „Ал Шифа“ биле пронајдени уникатни технолошки средства и воена опрема што ја користеле Хамас. Од милитантната група негираат. Во меѓувреме, првите количества гориво откако почна војната на 7-ми Октомври влезе во Појасот Газа, преку граничниот премин Рафах. Советот за безбедност на ООН ја усвои резолуцијата предложена од Малта за итни и продолжени хуманитарни паузи и коридори низ Појасот Газа што ќе траат доволно денови и безусловно ослободување на сите заложници кои ги држат Хамас. За резолуцијата гласаа 12 членки. САД, Велика Британија и Русија беа воздржани.

„Оваа нацрт-резолуција има за цел да обезбеди одмор од сегашниот кошмар во Газа и да им даде надеж на семејствата на сите жртви. Особено се фокусира на маките на деца заробени во воената енклава и на оние кои се држат како заложници“, изјави Ванеса Фрејзиер, постојан претставник на Малта во ООН.

„Знам дека е тешко да се види таа посветла иднина во овој момент на темнина, но мораме. Мораме. Колеги за оваа генерација деца и за следната генерација, имаме одговорност да се стремиме кон посветла иднина за нив“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ООН.

Од израелското МНР децидни, нема место за хуманитарни паузи додека 239 заложници сè уште се во рацете на терористите на Хамас.