Се помалку Македонци од Егејот на традиционалните Мариовско-Мегленски средби

02.06.2014 11:16

Се помалку Македонци од Егејскиот дел доаѓаат на традиционалните Мариовско-Мегленски средби. Причина е, како што велат, политиката на јужниот сосед за заплашување на оние кои ќе присуствуваат на собирот, како и општата состојба со македонското малцинство во Грција . А целта на средбите е зачувување на традициите и на фолклорот ...

И на 30-тите по ред Мариовско-мегленски средби не дојдоа фолклорните друштва на Македонците од Егејска Македонија. Од селото Пожарско, областа Меглен, пристигнаа само двајца претставници кои велат дека Македонците во Грција немаат никави права, и недоаѓањето се должи на стравот кај луѓето и постојани закани кои ги добиваат.

„Немаме парво да се развиваме културно и национално како што сакаме ние. Го плашат нашиот народ, дека нема да го вработат дека ќе им прават проблеми во нивните бизниси“, изјави Ристе Причков, Македонец од Грција.

На манифестацијата присуствуваа, високи црковни претставници, иселеници од Мариово, како и претставници на Здружението на Децата бегалци од Егејска Македонија кои се трудат вакви средби да организираат и во тој дел, но и тие ги чувствуваат последиците од тоа.

„Јас имам забрана 5 години да неможам да влезам во Грција. Зошто е тоа така нема одговор, се жалев и до ЕУ но нема одговор од никаде“, вели Ташко Јованов, Претседател на Сојузот на Македонците од Егејска Македонија.

„Ние не бараме промена на границите туку бараме да бидеме едно во Господ соединети, и да покажеме на тој начин дека човекот е слободно суштество* рече Владика Петар, Митрополит Преспанско-Пелагониски.

Целта на овие средби е зачувувањето традицијата и фолклорот од Мариово и Меглен.

„Мариово и Меглен се региони населени со чисто етнички Македонци и ние се трудиме да го зачуваме идентитетот во истите“, кажа Стојан Ѓуровски, Претседател на Здружението Мариовско-Мегленски средби.

„Овие средби значат продолжување на традицијата, културата и дружењето на луѓето од овој крај, а сето тоа ќе биде збогатено со добра културно уметничка програма“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Надежите се дека ќе се надмине оваа ситуација и дека во иднина на средбите ќе има Македонци од двете страни на границата.

 

Дарко Штаргоски