Израел-Хамас

Во болницата „Ал Шифа“ пронајдени технолошки средства и воена опрема на Хамас

16.11.2023 12:11

При претрес на болничкиот комплекс „Ал Шифа“ пронајдени уникатни технолошки средства и воена опрема што ја користел Хамас – тврдат израелските одбранбени сили. Од милитантната група негираат. Во Обединетите нации изгласана резолуција за продолжени хуманитарни паузи во Газа...

Израелската армија тврди дека при претрес на болничкиот комплекс „Ал Шифа“ биле пронајдени уникатни технолошки средства и воена опрема што ја користеле Хамас. Од милитантната група негираат. Во Газа по речиси два месеца, пристигнаа првите количества гориво преку граничниот премин Рафах.

„Некои од најинтересните работи што ги најдовме целосно потврдуваат без какво било сомневање дека Хамас систематски ги користи болниците во нивните воени операции со што го прекршува меѓународното право. Она што го откривме, мислам дека е само врвот на ледениот брег“, изјави потполковник Џонатан Конрикус, воен портпарол.

Советот за безбедност на Обединетите нации ја усвои резолуцијата предложена од Малта за итни и продолжени хуманитарни паузи и коридори низ Појасот Газа што ќе траат доволно денови. Се бара и безусловно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас. За резолуцијата гласаа 12 членки. САД, Велика Британија и Русија беа воздржани. Од израелското МНР децидни, нема место за хуманитарни паузи додека 239-те заложници сè уште се во рацете на терористите на Хамас.

„Оваа нацрт-резолуција има за цел да обезбеди одмор од сегашниот кошмар во Газа и да им даде надеж на семејствата на сите жртви. Особено се фокусира на маките на деца заробени во воената енклава и на оние кои се држат како заложници“, изјави Ванеса Фрејзиер, постојан претставник на Малта во ООН.

„Знам дека е тешко да се види таа посветла иднина во овој момент на темнина, но мораме. Мораме. Колеги за оваа генерација деца и за следната генерација, имаме одговорност да се стремиме кон посветла иднина за нив“, изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ООН.

Во светот продолжуваат протестите против војната на Блискиот Исток. Во Вашингтон дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите кои бараа прекин на војната меѓу Израел и Хамас.

 

Маја Стојанова