За Бајден, Џјинпинг е диктатор, иако има напредок во односите меѓу двете земји
САД и Кина со историска одлука, решија да соработуваат на повеќе полиња. Во Сан Франциско по средбата меѓу американскиот и кинескиот претседател оптимистички тонови од двете страни. Според Бајден, постигнат е значителен напредок во билатералните односи. Шји рече дека двете земји се многу важни за светот, па вртењето грб еден на друг не е опција…

Кина и САД решени да ги надминат разликите. Американскиот претседател Бајден и кинескиот лидер Џјинпинг се согласија да ја обноват комуникацијата, да соработуваат за сузбивање на производство на фентанил и климатските промени. Бајден и Шји разговараа речиси четири часа за проблемите што ги нарушуваат односите меѓу САД и Кина. Ќе бидат обновени воените контакти кои Кина ги прекина во август кога тогашната претседателка на Претставничкиот дом Пелоси го посети Тајван. Меѓутоа, американскиот претседател подоцна им кажа на новинарите дека тој не го променил мислењето за Шји Џјинпинг дека е диктатор.
„Ја истакнав важноста на мирот и стабилноста на Тајванската Теснина. Јасно е дека ние се спротивставуваме на Пекинг. Непазарните економски практики и недостатоци на Пекинг ги ставаат во неповолна положба американските бизниси и работници“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Од друга страна, Шји побара од САД да престанат да испраќаат оружје во Тајван и да го поддржат „мирното обединување“ на Кина и Тајван.
„Кина нема намера да ги предизвикува или замени САД. Наместо тоа, мило ни е што гледаме самоуверени, отворени и просперитетни САД. Исто така, Вашингтон не треба да се обложува против Пекинг или да се мешаат во внатрешните работи на Кина. Наместо тоа, треба да ја поздрави мирната, стабилна и просперитетна Кина“, нагласи Шји Џјинпинг-претседател на Кина.
Историската средба на маргините на самитот на азиско-пацифичката економска соработка во Сан Франциско поздравена од светот. Ова е прва посета на Шји на САД од 2017 година, кога Доналд Трамп беше челник на Белата куќа.
Маријана Димовска
