Во тетовско Камењане отворено првото женско кафуле
Во тетовско Камењане е отворено првото женско кафуле со поддршка на УСАИД. Во него жените од селото ќе можат да се дружат и да разменуваат идеи за развој на претприемништвото, што е и целта на проектот...

Во кафулињата низ тетовско Камењане најчесто има само мажи.
„Затоа што таков е обичајот кај нас“, вели Осман Османи, жител на Камењане.
Тоа е причината за отворање на првото кафуле за жени „ФМ“ кое очигледно ќе внесе културолошки промени во овдешното живеење.
„Да се интегрираме некако во модерниот живот, во урбаниот живот“, рече Мелинда Синани, жителка на Камењане.
„Па како мажите што се дружат и ние ќе се дружиме“, вели Сузана Деари.
Жените од Камењане велат дека менталитетот треба да се менува. Сега и тие имаат место во кое ќе можат да се дружат и да разменуваат идеи.
Сопственичката Медина Синани вели дека со ова кафуле ќе се направи баланс меѓу местата кои ги посетуваат мажите и жените.
„Би сакала ова жените да го прифатат, бидејќи е најдобро за нив“, вели Медина Санини, сопственичка на кафулето.
Сопругата на американскиот амбасадор Пол Волерс, Мери Џо, ова го смета за голема поддршка за развој на бизнисот кај жените, но и ја подобрува нивната положба во општеството.
„Ова е многу повеќе од место за пиење кафе. Ова е место во кое можеме да го видиме успехот на жените кои се самовработиле. Како што можете да видите тука имаме рачни изработки, но и домашна храна кои ги изработиле жените“, изјави Мери Џо Волерс, сопруга на амбасадорот на САД во Македонија.
Кафулето засега е наменето само за жени, но сопственичката вели дека со текот на времето и мажите ќе бидат добредојдени.
„Отворањето ваков клуб е позитивно за да се собираат жените“, смета Осман Османи, жител на Камењане.
Кафулето „ФМ“ или како што го нарекуваат „Клуб на жени“ е отворено со поддршка на УСАИД. Целта на проектот е да се развие претприемништвото кај жените.
Зоран Јованоски
