Струга има проблем со кучињата скитници- градоначалникот не реагира!
20.000 евра казна за Општината, 5.000 евра глоба за Градоначалникот кој нема да изгради стационар за кучињата скитници кои претставуваат опасност за населението. Ако се применива оваа мерка доследно, Струга треба да издвои голема ставка во општинскиот буџет. Градот врие од кучиња-скитници...

Во туристичка Струга се почести се ваквите слики. Граѓаните не можат слободно да се движат по улиците од многубројните кучиња-скитници кои неретко слободно си шетаат и во глутници. А многу често ги напаѓаат минувачите. Градоначалникот очигледно не ја забележал оваа појава, но граѓаните се сведоци на многу немили ситуации.
„Ја нападнаа три кучиња. Луѓе скокнаа и ја спасија...Срамота е за општинава. Мислам дека ние сме туристичко место“, велат стружани.
И хотелиерите се жалат на кучињата скитници.
„Наназад веќе неколку пати се пуштени претставки до Агенцијата за храна и ветеринарство и до општина Струга, како надлежни да реагираат за проблемот, бидејќи плажите навистина не се пријатно место за седење доколку пред Вас има 20-тина кучиња“, вели менаџерот на хотелот Дрим, Ана Јанчева- Дудановска.
Од општина Струга не сакаа да ги коментираат случувањата со кучињата скитници во Струга. Многу пати топката беше префрлена на Комуналното претпријатие во Струга а исто така се правдаа дека општинската каса е празна. Законот јасно налага дека секоја општина ќе биде казната со глоба од 20.000 евра доколку не изгради стационар за кучиња скитници и 5000 евра глоба за самиот градоначалник.
Законот за заштита и благосостојба на животните, таксативно наведува кој орган треба да ги отстрани од улиците и да се грижи за нив.
„Во случај да биде било кој граѓанин каснат и повреден од куче скитник, куче без сопственик, тогаш во тој момент, во таков случај легитимиран, односно пасивно легитимиран судски да се бара отштета за таквата повреда е самата Општина“,вели адвокатот Ардијан Демири.
Минатата година во Охридската болница беа хоспитализирани повеќе од 120 пациенти од Струга, кои мораа да примат вакцина против тетанус, вакцина која пак ја нема во Струшката болница
Јованчо Наумоски
