Евроинтеграции

Маричиќ: Одлагањето на преговорите и на членството во ЕУ, го става во неизвесност и реформскиот процес

16.11.2023 14:22

Како што соопштуваат од СЕП, Маричиќ во своето обраќање се осврна на пакетот за проширување на Европската Комисија која оваа година, се разликува во неколку аспекти од претходните, коишто Стратегијата за проширување и извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство ги сместуваат во еден посебен геостратешки контекст...

Вицепремиерот Маричиќ денеска се обрати на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања при Собранието на Република Северна Македонија.

Како што соопштуваат од СЕП, Маричиќ во своето обраќање се осврна на пакетот за проширување на Европската Комисија која оваа година, се разликува во неколку аспекти од претходните, коишто Стратегијата за проширување и извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство ги сместуваат во еден посебен геостратешки контекст, ова како резултат на војната во Украина, а и во актуелниот период и воените дејствија во Израел, односно во Газа кои иницираа околности за забрзување на процесот на проширување на Европската Унија за кој Брисел поттикна две сериозни новости кои го определуваат новиот пристап за забрзување на процесот на проширување на Унијата.

„Првата е проширувањето на пакетот земји кандидати кои се опфатени со најновата Стратегија за проширување, којшто покрај шесте земји од Западен Балкан, ги вклучува уште и Украина, Молдавија и Грузија, а втората, исклучително значајна новина е Планот за раст на економиите на Западен Балкан, кој има за цел да воведе дополнителна динамика во евроинтегративните процеси на земјите од регионот и силна посветеност и одлучност со значајна финансиска поддршка да го поддржи забрзувањето на реформите, особено во делот на прилагодување на националните економии со стандардите на земјите членки на ЕУ“- објасни Маричиќ.

Планот за раст е финансиска но и политичка инвестиција на Европската Унија за Северна Македонија којашто изрази јасен став дека има потреба и сака да ја види нашата земја во европското семејство. Истиот го потврди и оценката за добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија нотиран во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на нашата земја во 2023 година, како и посветеноста на реализацијата на овој План за раст и прв трансфер на средства за само пет месеци од сега се гледа и преку ангажманот на Европската Комисија – објасни Маричиќ.

На своето обраќање Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека Пакетот за проширување и Извештајот на Европската Комисија за нашата земја, како и Планот за раст, се најважните пораки, за што не смееме да си дозволиме да ги пролонгираме роковите кои се јасно определени. Одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во Европската Унија го става во неизвесност и реформскиот процес според ЕУ стандарди- стои во соопштението.