Протестот на вработените од Заводот за физикална медицина и рехабилитација од Козле не се одржа
Министерството за здравство собира податоци и ќе ја информира јавноста што се случува во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Козле. Вработените вчера најавија протест бидејќи не добиле плати. Утрово протестот не се одржа.

Иако најавен, протестот на вработените од Заводот за физикална медицина и рехабилитација од Козле не се одржа. Тие реагираат дека им доцнат платите. Од министерството не одговорија за проблемот со платите, но велат дека мандатот на директорката нема да се продолжи.
„Организациската директорка на Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, Миранда Шабани достави до Министерството за здравство известување со одредени наводи за злоупотреби во Заводот. Дописот со останатиот материјал доставен до МЗ ќе се разгледа и ќе се постапи во рамки на законот. Што се однесува до мандатот на Шабани, нема да ѝ се продолжи и таа ќе биде прераспределена на друго работно место“, стои во одговорот од здравство.
Организациската директорка Миранда Шабани не даде изјава, а во писмен одговор наведе дека го поддржува штрајкот, но плата не треба да добијат тие што не одат на работа.
„Како организациски директор побарав од медицинскиот директор, правниот сектор и секторот за човечки ресурси да им се прекине договорот на лицата кои не доаѓаат на работа. Директорот не прифати поради само нему познати причини. За да не се оптовари буџетот на институцијата решив да не ги потпишам платите. “
Периодот од 6 месеци колку што директорувала со институцијата, Шабани, вели не бил бил доволен за да се откријат сите неправилности.
„Во првиот момент кога го видов планот за актуелните вработени којшто беше составен по барање на Фондот за здравство и планот за нови вработувања сфатив дека податоците не се совпаѓаат и решив да не потпишам. Дали јас ќе бидам разрешена или нема да ми се продолжи мандатот, тоа е најмал проблем во оваа институција. Битно е да се платат тие што работат, а не тие што не доаѓаат на работа“ стои во реакцијата на Шабани.
Наташа Јанчиќ Менковски
