Белград

Ковачевски од Саемот за вино во Белград

16.11.2023 19:33

Македонските, српските, албанските, црногорските винарии, како што додаде премиерот се рамо до рамо со светските врвни производители, што овозможува вмрежување и отворање нови пазари.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на вториот меѓународен Саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, што се одржува во Белград, како дел од иницијативата Отворен Балкан.

„Годинава повторно преку овој саем на вино можеме да потврдиме дека создаваме силни врски што значат нов стимул на нашите економии“, оцени премиерот Ковачевски.

На Саемот на вино, годинава има над 600 изложувачи од бројни винарии, дестилерии, гастрономски компании.

„Преку иницијативата Отворен Балкан се случува и заедничкото претставување и промоција на македонскиот и балканскиот вински и туристички квалитет. Ги отвараме патиштата на државните компании кон меѓународно винско и гастрономско поднебје“, порача премиерот Ковачевски.

„Со организацијата и учеството на вакви саеми даваме значаен придонес кон процесите на создавање единствен пазар меѓу земјите од Западен Балкан, а со тоа полесна можност за приклучување кон европскиот пазар“, нагласи премиерот.

Македонските, српските, албанските, црногорските винарии, како што додаде премиерот се рамо до рамо со светските врвни производители, што овозможува вмрежување и отворање нови пазари.

„Преку оваа иницијатива ја покажуваме функционалната соработка меѓу стопанските комори, ја покажавме соработката меѓу нашите држави, ја покажавме соработката меѓу нашите граѓани и компании. И заедно направивме подобар резултат. Винските патишта на нашите држави стануваат светска дестинација“, констатираше премиерот Ковачевски.

Отворен Балкан, од којшто е дел и саемот во Белград, како што констатираше премиерот Ковачевски, има видливи резултати што ги препознаваат граѓаните и компаниите. Овозможено е на граничните премини да функционираат зелени ленти за брз проток на транспортните камиони од трите земји. Во функција е и заедничкиот систем за електронска наплата на патарини без застанување. Се реализираа повеќе соработки во областа на туризмот и културата. А, следува и отстранување на работните дозволи меѓу државите членки.