Почина актерот Мето Јовановски
Почина Мето Јовановски, бардот на македонското глумиште. Зад себе остави богат филмски и театарски актерски опус. Неговите филмски реплики запаметени во македонската колективна меморија.

Почина доајенот на македонското глумиште. Aктерот Мето Јовановски замина во легендите на 77 годишна возраст. Ненадоместлива загуба за театарската и филмска сцена, човек од кој учеа многу генерации македонски актери. Oстави неизбришлива трага на уметничката сцена. Човек кој секојдневно беше опкружен со многу луѓе, во вечноста замина сам и без поздрав, велат неговите колеги.
Последниот поклон пред публиката го имаше пред само дваесет дена во неговиот Драмски театар. Оттаму велат дека Мето Јовановски, бравурозно ја изиграл својата последна претстава „Моето име е Горан Стефановски“.
Македонската и регионалната публика останува без актер кој ќе го памети по неговата харизма, а колегите актери по творечката енергија што ја пренесуваше до последниот свој здив.
Јовановски е добитник на многу награди, „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат е на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, има признание за животно дело. Неговите реплики уште долго ќе се повторуваат.
Еден од водечките драмски уметници во Македонија ќе се памети по легендарните филмски улоги во „Тетовирање“, „Среќна нова 49“, „Големата вода“, „До балчак“, „Пред дождот“ и други.
Александра Спировска
