Израел-Хамас

Нова фаза во офанзивата на израелската војска

17.11.2023 09:46

Израел истрела ракети од Голанската висорамнина во областа околу сирискиот главен град Дамаск. Нова фаза во офанзивата на израелската војска во Газа. Најголемата болница во Газа, „Ал Шифа“, отсечена од сите комуникациски врски со надворешниот свет...

Премиерот Нетанјаху вели дека Израел прави сè што може за да ги заштити цивилите во битките со Хамас, но тоа не е успешно. Израелските сили ги предупредија Палестинците да ги напуштат јужните делови на Појасот Газа, навестувајќи го проширувањето на областа на копнените операции. Известувањето следи откако израелскиот министер за одбрана Галант изјави дека копнената операција на крајот ќе ги вклучи и северот и југот. Во меѓувреме продолжува претресот во болницата „Ал Шифа“.

„Силите на израелската војска пронајдоа шахта од тунел во болницата Шифа, а инженерските сили ја откриваат инфраструктурата. Најдовме и возило со многу оружје. Во исто време, продолжуваат активностите во болницата Рантиси“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Од ООН предупредуваат, канализацијата се излеа на улиците на Рафах во Појасот Газа откако се потроши горивото што се користи за работа на пумпите за отпадна вода.

„Денес Газа изгледа како да е погодена од земјотрес, освен што тој вештачки предизвикан. И тоа можеше целосно да се избегне. Бевме сведоци, во изминатата недела, на најголемото раселување на Палестинците од 1948 година“, изјави Џулиет Тума, директор за комуникации, Агенција за помош и работа на Обединетите нации за палестинските бегалци.

Сирија собори израелска ракета истрелана од Голанската висорамнина во близина на главниот град Дамаск, соопшти сириската армија. Повеќето од израелските проектили биле пресретнати, предизвикана е материјална штета.

 

 

Маријана Димовска