Пожар го „проголта“ домот на семејството Автароски од струшко Ливадишта
Пожар го пеплоса домот на семејството Автароски од струшко Ливадишта. Им изгоре целата покуќнина, покривот, дрвенаријата и облеката. При гаснењето на огнената стихија се повредиле тројца пожарникари. Семејството бара помош од хуманите граѓани...

Силен пожар ја „проголта“ куќата на семејството Автароски во струшкото село Ливадишта. Сè што макотрпно граделе го снема за неколку мигови, изгоре во пламените јазици кои избувнале околу полноќ пред два денови.
Огнената стихија го пеплоса покривот, целата покуќнина, дрвенаријата и облеката.
Во целата несреќа, среќа е што едно од двете деца, било будно, па успеале да се спасат без да бидат повредени.
„Децата ми се јавија. Тато гориме! Излегувајте надвор од куќата веднаш им реков. Тие сакаа да гаснат со вода, ама има и струја. Излегоа надвор. Пожарната дојде, се повредија и тројца пожарникари“, вели Автароски.
Четиричленото семејство после пожарот, остана без дом, престојуваат кај роднини и пријатели.
„Куќава ја правам повеќе од десет години. Сега сме сместени кај пријатели по роднини. Ги молам сите колку имаат можност да ни помогнат и граѓани и компании“, вели Автароски.
Куќата ја граделе макотрпно, цела деценија со кредити и рати, денес молат за помош од хуманите граѓани и компании. Првичните сознанија се дека пожарот настанал при спој кај доводот на струја.
Соња Рилковска
