ИЗРАЕЛ

Борел во посета на Израел

17.11.2023 12:39

Шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Борел во посета на Израел. Побара Тел Авив да стори сè што може и во војната против Хамас да ги заштити цивилите. Во меѓувреме, израелските сили ги предупредија Палестинците да ги напуштат јужните делови на Појасот Газа, навестувајќи го проширувањето на областа на копнените операции …

Еден ужас не оправдува друг, изјави шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ во Израел за време на средбите со државниот врв. Борел, вети дека ќе разговара за страдањето на Палестинците на претстојната средба со емирот на Катар, шеикот Ал-Тани, како дел од четиридневната посета на земјите од Блискиот Исток.

„Пораката за солидарност и поддршка за Израел е јасна. Европската унија е со вас, ве поддржува во вашето право да се браните со почитување на хуманитарното и меѓународното право. Морам да ја изразам мојата загриженост за ситуацијата за Газа. ООН известуваат дека на луѓето во Појасот им треба многу повеќе помош. Барам од вас да направите сè што можете за да го намалите страдањето на цивилите“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Се бориме овде за целиот универзум. Ако не сме ние, Европа ќе биде следна. Во моментов најважно е да ги вратиме нашите заложници. Правиме сè што можеме да ја осигураме хуманитарната помош и потребите на локалното население. Воедно се обидуваме за да ја разбиеме инфраструктурата на Хамас“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.

Израелските сили ги предупредија Палестинците да ги напуштат јужните делови на Појасот Газа, навестувајќи го проширувањето на областа на копнените операции. Премиерот Нетанјаху вели дека Израел прави сè што може за да ги заштити цивилите во битките со Хамас, но тоа не е успешно.

„Силите на израелската војска пронајдоа шахта од тунел во болницата Шифа, а инженерските сили ја откриваат инфраструктурата. Најдовме и возило со многу оружје. Во исто време, продолжуваат активностите во болницата Рантиси“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Од ООН предупредуваат, канализацијата се излеа на улиците на Рафах во Појасот Газа откако се потроши горивото што се користи за работа на пумпите за отпадна вода.

„Денес Газа изгледа како да е погодена од земјотрес, освен што тоа е вештачки предизвикан. И тоа можеше целосно да се избегне. Бевме сведоци, во изминатата недела, на најголемото раселување на Палестинците од 1948 година“, изјави Џулиет Тума, агенција на ООН за палестински бегалци.

Сирија собори израелска ракета истрелана од Голанската висорамнина во близина на главниот град Дамаск, соопшти сириската армија. Повеќето од израелските проектили биле пресретнати, предизвикана е материјална штета.

 

Маријана Димовска