Лош стандард и немање пракса, најголем проблем на македонските студенти
Лош студентски стандард, немање пристап кон практична работа и меѓународна соработка – проблеми и предизвици на македонските студенти. Се бара и поголемо вклучување во процесите на одлучување. Се одбележува Меѓународниот ден на студентите...

Дамјан Георгиевски е студент на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Со неверојатен жар се обидуваше заедно со неговите колеги да го привлече вниманието на камерата и да ни раскаже како се докажува дали некој лек делува или не. Овој страстен вљубеник во фармацијата, точно ни дефинираше со кои предизвици се соочува македонскиот студент.
„Предизвиците главно се тоа што сè е веќе поскапено и мислам дека инфлацијата доволно влијаеше на животот и на стандардот на студентите. Мислам дека во секој поглед може да се излезе во пресрет на студентите особено со прехраната но и со транспортот на колегите коишто доаѓаат од внатрешноста на државата“, изјави Дамјан Георгиевски, студент на Факултет за фармација.
Не беа поразлични ниту изјавите на неговите колеги од останатите факултети на УКИМ.
„Предизвикот помеѓу теоретско знаење и практична настава. Ние имаме проблем со одржување на теренска практична настава. Треба да имаме повеќе време поминато во фабриките и да се стекнеме со практични вештини“, изјави Катерина Стојанова, студентка на Технолошко-металуршки факултет.
„Ние како студенти сме малку затворени и задушени во Македонија бидејќи отсуствува таа меѓународна соработка, таа меѓународна признаеност на нашиот труд на дипломата со други зборови“, изјави Мето Спасески, студент на Медицински факултет.
„Конкретно стоматолошкиот факултет, ние се соочуваме повеќе со праксата како проблем“, изјави Јоана Велкоска, студентка на Факултетот за стоматологија.
„Студентскиот стандард, економските прилики во кои се наоѓа студентот и неговиот почеток откако ќе заврши факултет“, изјави Данило Крстовски, студент на Правен факултет.
Ректорката како човек кој цел живот го поминала со и меѓу младите знае што е проблемот и на меѓународниот ден на студентите само ги потсети да не запираат во стекнување на нови знаења и вештини, оти како што вели, тоа никогаш не е залудно.
„Она за што ние постојано се грижиме е вашата вработливост. Затоа пред година и половина го формиравме Центарот за кариера чијашто основна работа е кариерно советување, центар што се грижи за кариерното напредување на студентите, кој што оваа година уште повеќе ќе ги надгради своите функции, бидејќи не е потребно да се стекнат само генерички знаења, академски знаења, потребно е и практикантство“, изјави ректорката на УКИМ, Билјана Ангеловска.
Но се чини дека за оваа вредна генерација студенти ова се задоцнети ветувања, оти иако не се сите на исто мнение, повеќето иднината ја гледаат надвор.
„Доколку е ваква состојбата во нашата држава најверојатно надвор но никогаш не велам не и за овде“, изјави Дамјан Георгиевски, студент на Факултетот за фармација.
„Најискрено не се гледам во Македонија. Платата, финансиски од една страна, доктори заработуваат секаде добро, но како функционира државата повеќе од тој аспект не се гледам во државата“, изјави Јоана Велкоска, студентка на Факултетот за стоматологија.
„Се гледам во државата помагајќи на сам себе, на моите и на општеството“, изјави Данило Крстовски, студент на Правен факултет.
Со континуиран недостиг во сите области, се чини дека Македонија наскоро, наместо да го реши, само ќе го продлабочи овој проблем.
Катерина Топалова
