Дозволен влез на гориво во Газа
По 24-часовен недостиг на гориво, во Појасот Газа повторно се враќаат комуникациските услуги...

По 24-часовен недостиг на гориво, во Појасот Газа повторно се враќаат комуникациските услуги. Две цистерни со гориво влегоа преку преминот Рафах набргу откако израелскиот воен кабинет по барање на САД одобри редовни испораки на по две цистерни дневно до опколената енклава.
„Појасот Газа се соочува со колапс поради недостигот на струја и можноста за управување со канализацијата. Не сакаме болести кои можат да им наштетат на цивилите и нашите сили. Тоа се минимални количини, можеби 2-3 насто од горивото што порано влегувало во Газа“, изјави Цачи Хангеби, советник за национална безбедност на Израел.
Дел од министрите во израелската влада потегот го оценија како тешка грешка, по што Нетанјаху свика состанок за вечерва. Недостигот на гориво привремено ја прекина хуманитарната испорака и направи хаос во болниците.
„Мора да се овозможи болницата „Ал Шифа“ да функционира како болница. Во неа има до 300 здравствени работници и 650 пациенти. Дури и ако Хамас ја користел за воени цели, болницата и општо сите здравствени установи никогаш не се без заштита според хуманитарното право“, изјави Тедрос Гебрејесус, генералниот директор на СЗО.
Израелската армија утринава даде рок од еден час да ги евакуира луѓето од болницата „Ал Шифа“ додека операцијата со пребарување во комплексот продолжува откако беа пронајдени телата на двајца заложници. Во меѓувреме САД го засилија притисокот врз Катар за ослободување на заложниците.
