Работнички права

Потребни се измени во Законот за пожарникарство

18.11.2023 13:36

Припадниците на противпожарните единици во земјава бараат враќање на законот кој беше во важност до две илјади и шестата година со што бенефицираниот стаж повторно ќе им се изедначи со оној на полицајците, војниците и рударите. Велат дека низ годините им се нарушува менталното и физичкото здравје заради некогаш ризичните акции. Воедно бараат и воведување на старосна граница при вработувањето...

Пожарникарите бараат враќање на законските решенија кои беа во сила пред децентрализацијата кога делуваа во рамките на МВР и имаа исти бенефиции како и припадниците на полицијата и армијата, како и на рударите. Велат дека во текот на долгогодишната работа се изложени на ризични акции и се сведоци на човечки трагедии кои негативно влијаат врз нивното ментално и физичко здравје.

„Мора под итно да се зголеми бенефицијата на пожарникарите, бидејќи сега како што сме 12 месеци ефективна работа, а се сметаат како 15 имаме проблем, бидејќи пожарникарите на 60,61,62 години веќе исполнуваат услов за пензија што не смее да е така“, изјави Борко Јанкуловски, командир на Територијалната против пожарна единица Охрид.

По 2006 година противпожарните единици се во надлежност на локалните самоуправи и оттогаш датира напуштањето на стандардите при вработување на пожарникари чија возраст дотогаш не смееше да надминува 25 години. Во текот на изминатиот период се вработуваа лица од 40,50 па дури и 60 години што секако влијаеше на севкупната ефикасност во работењето.

„Знаеме дека немаме некоја законска регулатива со која би се ограничила старосната граница на примање на пожарникари. Значи тоа е многу голем проблем. Пожарникар може и на 50 години да работи кај нас што навистина е незамисливо“, изјави Борко Јанкуловски, командир на Територијалната противпожарна единица Охрид.

За охридската противпожарна единица не се единствени проблеми само старосната граница при прием на нови кадри и бенефицираниот стаж, туку и недостигот на пожарникари и застарениот возен парк кој датира од пред неколку децении.

 

Сашо Нелоски