Пендаровски не очекува позитивен исход за државата од декемврискиот самит на ЕУ
Претседателот Пендаровски не очекува позитивен исход од декемврискиот Самит на ЕУ за Македонија за старт на втората меѓувладина конференција, бидејќи условот – уставни измени не е исполнет. Шефот на државата е оптимист дека деновиве власта и опозицијата ќе постигнат договор за датумот за изборите. За евентуална кандидатура за втор мандат вели, има време да одлучи до Нова Година. Датумот за избори сè уште лебди и се надеваме дека од понеделник политичките партии посериозно ќе разговараат на оваа тема, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според потпретседателот на партијата Александар Николоски не е логично да има одвоени избори во период од два месеца.

Македонија не може да се надева на позитивен исход од декемврискиот Самит на Европската унија за старт на втората меѓувладина конференција. Предусловот во преговарачката рамка за уставните измени не го исполнивме – дециден шефот на државата, Пендаровски прстот го впери во, како што рече, тврдиот став на опозицијата која не прифаќа измени на Уставот во Собранието.
„Да видиме какви ќе бидат одлуките на Европската унија во декември за другите држави од Западниот Балкан меѓутоа за Македонија нема што да очекуваме, го знаеме условот, не го исполнуваме. Овој месец завршува скринингот, тоа беше главниот предуслов да продолжиме со втората конференција“, изјави Стево Пендаровски, претседател на државата
Пендаровски е оптимист дека деновиве власта и опозицијата ќе постигнат конечен договор за датумот за изборите. Очекува тие да бидат истовремено. За евентуалната кандидатура за втор мандат ќе одлучи по Нова Година. Според ВМРО-ДПМНЕ, парламентарните и вториот круг од претседателските избори е најрационално решение. Потпретседателот Николоски вели дека власта нема кредибилни аргументи тие да бидат одвоени.
„Заеднички избори ние кажуваме дека се подобри пред сè поради кратење трошоци, скратување на времето во кое што државата ќе биде замрзната од сите оние нормални активности и побрзо формирање следна влада и посигурен избор на претседател на државата што ќе овозможи нормално функционирање на институциите“, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Избори во ист термин на еден трошок поддржуваат и владините партнери ДУИ и Алијанса за Албанците. СДСМ ставот ќе го гради во координација со коалицијата. Спикерот Џафери со порака до партиите-доколку не постигнат договор до Нова Година, тој ќе ги распише изборите според законските рокови.
Андријана Ѓурческа
