Социјалната зграда во Велес завршена, се очекува повик за распределба на становите
Започна да се гради во април 2021 година и по две и пол години градба завршена е зградата за социјално ранливите категории од Велес. Таа треба да биде дом за 29 семејства, се најавува дека наскоро ќе биде објавен повикот за нивна распределба...

Наскоро станбената зграда, која е наменета за социјално ранливите категории од Велес ќе биде дом за оваа група граѓани. Министерството за транспорт и врски во наредниот период треба да објави повик за распределба на 29 стана, бидејќи објектот е завршен. Ова го најави Фатмир Битиќи заменик-претседател на Владата при денешната посета на Велес.
Зградата наменета за социјално ранливите категории е инвестиција на ЈП за станбен и деловен простор. Таа започна да се гради на 14-ти април 2021 со најава дека ќе заврши за една година, потоа рокот се продолжи за октомври 2022, но и до ден денес не е предадена на користење.
Вицепремиерот Битиќи напомна дека тие како Влада се грижат за социјално ранливите категории, а од 2017 до денес изградени или се градат 864 стана наменети за оваа категории граѓани.
Петар Печков
