Борбите продолжуваат, нема прекин на огнот
Прекинот на огнот во Газа не е мир, војната треба да заврши засекогаш, изјави американскиот претседател Бајден. Болницата „Ал Шифа“ во Газа е „зона на смртта“, велат од Светската здравствена организација. Продолжува евакуацијата на пациенти и лекари...

Сирени за воздушна опасност огласени во Израел. Експлозии одекнаа во северниот град Шломи. Северниот дел на Газа под закана на израелските ракети додека копнената офанзива се проширува на исток. Командантите на Хамас бегаат на југ – тврди израелскиот министер за одбрана.
„Има се помалку места каде што терористите на Хамас можат да дејствуваат. Тие кои беа на западната страна на градот тоа многу добро го знаат, тие на источната ќе сфатат во наредниве денови, а оние на југот од Појасот наскоро ќе го дознаат тоа“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Воената офанзива ќе продолжи сè додека Хамас не биде поразен – изјави премиерот Нетанјаху. Признава дека постои силен меѓународен притисок за ставање крај на израелската војна против терористите.
„Привремен прекин на огнот е возможен, но само во замена за враќање на заложниците. Без трансформација во цивилната администрација на Газа, прашање на време е кога ќе се врати тероризмот, а јас не сум подготвен да се согласам со тоа. Одбранбените сили ќе имаат целосна слобода на дејствување во Појасот Газа против секоја закана“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Палестинскиот претседател Абас го повика американскиот колега Бајден лично да интервенира за запирање на војната во Газа.
„Претседателе Бајден, ве повикувам, да ја запрете оваа хуманитарна катастрофа, или подобро овој геноцид врз нашиот невин народ. Оваа војна мора веднаш да се прекине. Како може овој геноцид да се оправда како самоодбрана? Во реалноста, тоа се воени злосторства кои заслужуваат казна“, изјави Махмуд Абас, претседател на Палестина.
Бајден ги отфрли повиците за прекин на огнот. Смета дека сè додека Хамас се придржува до својата идеологија на уништување, прекинот на огнот не е мир туку купување време за терористите да ги наполнат резервите.
Најголемата болница во Газа, „Ал Шифа“, стана „зона на смртта“- соопшти Светската здравствена организација по посетата на установата. Понуди помош за евакуација на објектот додека израелската војска и натаму собира докази да потврди дека Хамас ја користел локацијата за терористички активности.
„Отворивме безбедна рута за премин на граѓаните кои престојуваа во болницата кон југ. Дополнително внесовме вода и храна во болничкиот дел. Силите продолжуваат да дејствуваат во болницата. Во моментов работат во окното што го откривме синоќа во болницата Шифа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Војната, која сега е во седмата недела, беше поттикната од нападот на Хамас на 7-ми октомври во јужен Израел, во кој милитантите убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапираа околу 240 мажи, жени и деца.
Бојана Крстевски
