Македонија

Вработените во ФЗО најавија предупредувачки протест поради ниските плати

19.11.2023 15:58

Вработените во Фондот за здравствено осигурување имаат најниски плати од сите вработени во овој сектор, а тоа доведува и до недостиг на работна сила. Од синдикатот бараат усогласување на платите и најави протест во петок. Ги повикаа да им се приклучат и останатите вработени од управата и правосудните органи. Се заканија дека доколку не ги послушаат нивните барања, ќе ја блокираат администрацијата кога на власта ќе и биде најпотребно...

Вработените во Фондот за здравствено осигурување на Македонија имаат најниски примања од сите органи од државната управа, кои се за 120 до 150 евра пониски од вработените на исти позиции во сродни институции. Велат од Сојузот на синдикати на Македонија. Ниските примања резултираат со одлив на вработените, а на огласите за вработување никој не се пријавува, па вработените извршуваат по две, три или повеќе работни задачи, информираат од Синдикатот. Додаваат дека во моментов во Фондот недостигаат над 300 вработени и бараат зголемување на платите од 7.500 до 10.000 денари.

Во распределбата на буџетот за 2024-та година не е предвидено покачување на платите за вработените во Фондот, информираат од Синдикатот. Предупредуваат дека без усогласувањето на платите, ќе престанат со работа во моменти кога на политичките партии и државата ќе им биде најпотребно, а најавија и штрајкувачки активности од петок.

На протестот во петок пред македонското Собрание, освен вработените во Фондот за здравствено осигурување, ќе присуствуваат и вработените во судовите и Обвинителството, а поканети се и членовите на сите останати Синдикати кои не се согласуваат со ниските плати и политиките на Владата.

 

 

 

Марија Котовска