Граѓански здруженија алармираат дека не се почитува новиот Закон за облигациски односи
Пред Министерството за правда денеска повторно излегоа невладините организации и здруженијата со порака да се почитуваат измените во Законот за извршување со кои се предвидува отпис на долговите...

По четири месеци откако е донесен Законот за облигациски односи, извршителите не ги почитуваат законските измени со кои се предвидува застарување на долговите. Иако не смеат, продолжуваат да ги наплатуваат парите од граѓаните и по 20-ти јули откако законот е изгласан. Од граѓанските здруженија велат дека дел од судовите веќе донеле одлука за апсолутна застареност, законот го почитуваат само одредени судии.
„Јас не го измислив тоа, кажуваат апелациските судии кои донеле решение врз база на Основниот суд од Велес, кој утврдил дека има застареност, а ја потврдил Апелацискиот суд во Скопје. Тоа значи дека имаме почитување на законот само од дел на одредени судии“, изјави Самка Ибраимовски, Партија за целосна еманципација на Ромите.
Граѓанските здруженија најавија дека правдата ќе ја бараат и во судот во Стразбур. Побарале автентично толкување на законот од пратениците, поднесена е и претставка до Уставниот суд.
„Дали тоа извршителско лоби е толку силно и дали тоа ги полни сметките на нашите политичари, треба да се прашаат во Јавното обвинителство. Затоа ги повикувам, вие како јавни обвинители сте на ред да ги преземете овие случаи“, изјави Маријан Ненов, граѓанско здружение „Но пасаран“
Од Конфедерацијата на слободни синдикати повикаа на протест на втори декември.
„За 60 денари градски паркинг, на граѓанин пред месец дена му е наплатено 16.800 денари. Овој грабеж мора да престане. Ние продолжуваме понатаму, на втори декември ќе излеземе на улиците“, изјави Маријан Ристески, Конфедерација на слободни синдикати.
Со измените на Законот за облигациски односи предвидено е бришење на долговите постари од 10 години, а каматата не може да го надмине долгот. Инаку, овој закон пред Уставниот суд го оспорија комората на извршители, Адвокатската комора и дел од стопанството, бидејќи сметаат дека не можат да ги наплатат долговите.
Андријана Ѓурческа
