Се загрева предизборието, во Собранието ќе се решаваат изборните циклуси
Од цврст став за одвоени избори, СДСМ остава простор за датумот и форматот да го договорат политичките партии во рамки на Собранието. За ВМРО-ДПМНЕ подобро е и помалку ќе ја чини државата доколку има заеднички изборен циклус во еден ден. И познавачите велат дека парите на народот ќе бидат заштедени но и излезноста ќе биде поголема...

По топло-ладно, за тоа кога и во каков формат би се одржале претседателските и парламентарните избори, социјал демократите полека ретерираат во ставот за одвоени изборни процеси, префрлајќи ја топката на договор меѓу партиите. Во Собранието е местото каде што треба да падне конечен консензус, велат од Бихаќка.
ДУИ преку своите министри во Владата веќе неколку пати потенцира дека немаат проблем за заеднички изборен циклус, бидејќи како што велат од Мала Речица уверени се во изборната победа. И од Алијанса за Албанците со слично размислување. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот-заеднички избори е најоптималното решение за да не се трошат буџетски пари повеќе од потребното.
И познавачите на приликите велат дека со заеднички изборен циклус, ќе се заштедат пари, но и излезноста на граѓаните ќе биде со сигурност запазена.
И додека претседателот Стево Пендаровски вели дека сè уште е рано да размислува за нова кандидатура-посочува дека партиите се на чекор до договор за изборните циклуси и дека многу скоро ова прашање ќе биде решено.
Миле Ристески
