Попова Шапка

Реакции по поставувањето на 15-метарскиот крст

19.11.2023 16:50

Крстот е симбол на христијанската вера и истиот не треба да биде јаболко на раздорот во нашето општество, велат од Црковниот одбор на манастирскиот комплекс на Попова Шапка каде неделава беше поставен 15-метарски крст, за кој како што велат не треба дозвола за градба оти станува збор за урбана опрема. Од друга страна на центарот има стотина дивоградби меѓу нив и џамијата, кои чекаат да бидат легализирани по донесувањето на новиот урбанистички план кој го најавија општинските власти...

На црковно место најприродно е да има крст, велат од Црковниот одбор на манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски на Попова Шапка, по низата реакции на политичките партии. Крстот како што посочуваат оттаму е подигнат по барање на верниците и според Законот за градење не е објект туку урбана опрема, за која не треба дозвола за градба туку решение за поставување чија законска рамка ниту верските објекти ниту државните институции не ја почитуваат, вели архитектот Богосав Божиновски, кој е и член на Црковниот одбор на манастирот. Законот треба да се почитува, вели тој, но неселективно.

За Попова Шапка сè уште нема изработена урбанистички план. Активистите за заштита на центарот посочуваат дека тука има стотина градби кои не се легализирани.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами при вчерашната посета на центарот рече дека со урбанистичкиот план за Попова Шапка ќе се регулираат и верските објекти.

„Јас сакам само една порака да испратам, тие што не сакаат да ги видат инвестициите на Општина Тетово, тие гледаат причина да ја критикуваат општината, за предмети кои не се во надлежност на Општината. Во урбанистичкиот план се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирањето на верските објекти. Зборувам за црквата и придружните објекти околу православниот верскиот објект и како и џамијата и придружните објекти околу муслиманскиот верски објект“, изјави Билал Касами, градоначалник на Тетово.

По поставувањето на крстот на центарот пристигнаа голем број на реакции. Албанските политички партии бараат да се отстрани, македонските ги осудија ваквите изливи оти како што велат се работи за симбол поставен на црковен имот.

За крстот Советот на Општина Тетово свика и вонредна седница, на која по дискусијата советниците Македонци ја напуштија салата, барајќи нова седница на која ќе се разговара за законитоста на сите верски објекти во Тетово

Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски повика да се смират тензиите.

„Верските симболи ги следат верските објекти, крстот и минарето одат до цркви и џамии. Во мултикултурно и мултирелигиско општество со секој човек пак, мора да оди толеранцијата и почитта кон различниот“, стои во Фејсбук објавата на Сотировски.

 

Зоран Димовски