Култура

Роденденски концерт на Македонската филхармонија

20.11.2023 09:14

Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи својот роденденски концерт насловен „Вдахновение“. Филхармонија е единствена институција во земјава која го афирмира и го изведува симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти постојано ја развива и ја промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на публика од различни генерации...

Оркестарот на Македонската филхармонија е формиран на 24 ноември 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје. На улицата „Крушовска“ бр. 27, во домот на композиторот Тодор Скаловски, биле поставени темелниците на најстарата институција од културата во државата, прва од таков вид во ослободена Македонија.

Роденденскиот концерт во четврток ќе го води диригентот Конрад ван Алфен (Холандија), а како солисти ќе настапат врвните инструменталисти Даниел Роланд – виолина (Англија/Холандија) и Маја Богдановиќ – виолончело (Србија). На програмата се Концерт за виолина и виолончело во а-мол, оп. 102 од Јоханес Брамс и Симфонијата бр. 2 во е-мол, оп. 2 од Сергеј Рахмањинов.

Германскиот композитор и виртуоз на пијано Јоханес Брамс (1833 – 1897), кому Роберт Шуман ќе му помогне да се афирмира како автор, се смета за еден од претставниците на романтизмот, иако структурата на неговите дела во најголем дел е – класична. Наследството од Бетовен, за Брамс претставувало светост, тој најдлабоко во себе ја чувал и негувал оваа традиција, а музиката на големиот германски композитор за него била највисоко музичко остварување од естетски и концептуален контекст.

Рускиот композитор Сергеј Рахмањинов (1873 – 1943) има посебно место во историјата на музиката. Пишуваше исклучително романтична музика, иако живееше и создаваше до средината на 20 век. Тој продолжи таму кај што застана Чајковски, збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век, со индивидуализам и препознатливост.

По неуспехот на Првата симфонија, која критичарите ја оценија како фијаско, Рахмањинов беше повлечен на дното од депресивно расположение, и тогаш изјави: „По ѓаволите со сите! Не знам како да пишувам симфонии, и немам никаква желба да ги пишувам“. Сепак, и покрај неуспехот на Првата, и депресивната состојба, тој почнува да ја пишува Втората симфонија, неговото најголемо оркестарско дело, кое за разлика од Првата, ќе доживее успех и целосна афирмација од критичарите.

Виолинистот Даниел Роланд е еден од водечките на светската музичка сцена. За него велат дека „звучи како ниту еден друг виолинист, и дека креира специфичен звук на инструментот на којшто свири“ (Шарлот Гарднер, „Грамофон“), дека поседува „гламурозен тон“ (Ричард Бретби, „Грамофон“), „фасцинантен тон во кој има деликатни финеси“ (Тим Ешли, „Гардијан“).

Роланд се етаблира на светската музичка сцена како изведувач со харизма и со авантуристички дух, кој изведува различен репертоар. Изведува музика од Бетовен, Брамс, Елгар, Корнголд, Прокофјев, Шнитке, а соработувал со водечки диригенти и солисти. Изведува и современа музика – концертите на Вакск, Линдберг, Глас, Саариаго и Ван дер Аа. Роланд е и пасиониран камерен музичар, настапувал со Ајви Гитлис, Николас Даниел, Ана Федорова, Нино Гветадзе, Мајкл Колинс, Елвис Костело. Бил член и на квартетот „Бродски“, еден од водечките камерни состави во светот. Освен што редовно настапува на светските музички сцени, Роланд работи и како професор на Кралскиот колеџ во Лондон.

Српската виолончелистка Маја Богдановиќ поседува неверојатно чувство за креирање боја и карактер на делата, надополнето со изведувачка зрелост и техничка сигурност. Богдановиќ е една од најдобрите виолончелисти на денешнината.

Како солистка настапила со швајцарскиот Тонхале оркестар, со Берлинскиот симфониски оркестар во салата на Берлинската филхармонија, со Токиската филхармонија, Државниот оркестар од Бремерхавен, со Словенечката, Белградската и Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на Минхен, оркестарот „Св. Бартоломео“ од Лондон и многу други.

Има неколку музички изданија зад себе, а најновото е со виолинистот Даниел Роланд, кое вклучува светска изведба на дела од Пендерецки, Васкс, Солима и Нисимен. Критичарите го опишаа како „волшебна средба меѓу челото и виолината“. Иако има широк репертоар, Маја Богдановиќ на својата програма посебно место издвојува за современата музика. Премиерно извела дела од Софија Губадулина, Кшиштоф Пендерецки, Филип Сојерс, Бенџамин Јусупов и др.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам.