Сноуден бара азил во Бразил
Како што наведува Сноуден, додека бил затворен на московскиот аеродром, по одземњето на пасошот пред 10 месеци, поднесол формално барање за азил во неколку земји, меѓу кои и Бразил...

Поранешниот соработник на американската Национална агенција за безбедност Едвард Сноуден, кој во моментов е азилант во Русија, испратил барање за азил во Бразил.
„Моето право на азил во Русија истекува до почетокот на август. Ако Бразил ми одобри азил,со задоволство ќе го прифатам зашто би сакал да живеам таму“, рекол човекот што објави доверливи податоци за и од американското електронско прислушување.
Како што наведува Сноуден, додека бил затворен на московскиот аеродром, по одземњето на пасошот пред 10 месеци, поднесол формално барање за азил во неколку земји, меѓу кои и Бразил. Според него, бразилското Министерство за надворешни работи оценило дека барањето не е поднесено во прописна форма и нема да оговори и покрај поддршката со повеќе од милион „кликови“ на интернетската кампања за азил на Сноуден во Бразил.
Едвард Сноуден во САД е обвинет за шпионажа и кражба на државни документи. Информациите што ги објави ја доведоа американската Влада во непријатна ситуација и затегнати односи со сојузничките земји кои биле огорчени кога дознале дека Вашингтон ги снима дури и приватните разговори на нивните челници.
Соња Стојановска
