Милијарда евра за македонската железница
За новите возови требаат и нови пруги. Првата делница кон Бугарија почна да се гради во март, а течат процедурите и за другите две, кои поради карактеристиките на теренот ќе бидат многу покомплицирани за изведба...

Големите извозни компании можат да здивнат. До крајот на годинава, на располагање ќе им бидат ставени нови товарни вагони. Во моментов, словачката ЖОС Трнава го изработува прототипот, по што ќе стартува со испораката.
„Со почетокот на есента ќе пристигнат првите количини, а до крајот на ноември ќе се испорачаат сите вагони. Добивме исклучително добри цени,и од предвидените 15 милиони евра, искористивме 13,2 милиони, со што ќе набавивме и дополнителни вагони“, изјави Оливер Деркоски, директор на ЈП МЖ Транспорт.
Паралелно привршува постапката за набавка на новите шест патнички гарнитури, со капацитет да превезат 1.200 патници. Наредниот месец треба да се потпише договорот со фирмата што ќе достави најдобра понуда на тендерот, па за околу една година се очекува да пристигне и првиот воз.
„Потребно е да се набават нови вагони, а старите да се исфрлат од употреба...Набавката на нови вагони ќе биде од голема корист за луѓето кои патуваат со воз...Добро е што се набавуваат нови вагони“ , велат граѓаните кои ги анкетиравме.
За новите возови требаат и нови пруги. Првата делница кон Бугарија почна да се гради во март, а течат процедурите и за другите две, кои поради карактеристиките на теренот ќе бидат многу покомплицирани за изведба. За делот кон Албанија се бара консултант. Инвестицискиот циклус е почнат, целосната изградба на Коридорот 8 се проценува дека ќе финишира за 7 до 8 години.
„Вкупната инвестиција за реализација на Коридорот ќе изнесува над милијарда евра, според нашите проценки околу 1,1 милијарда евра, за целосна изградба на Коридорот 8“ , изјави Петар Спасовски, помошник – директор во ЈП МЖ Инфраструктура.
Инвестицискиот циклус ќе биде заокружен со целосна реконструкција на железничката станица во Скопје, зафат што треба наскоро да почне и да трае до 2015-та година.
Мартин Пушевски
