Аргентина

Хавиер Милеј е новиот претседател на Аргентина

20.11.2023 12:36

Ултрадесничарот и популист Хавиер Mилеј победи на изборите во Аргентина. Земјата која се соочува со трицифрена инфлација, според најавите на претседателот ќе го укине, пезосот ќе го замени со доларот како и Централната банка. Милеј е и против абортусот и сексуалното образование, од соседите и од Америка пристигнуваат различни пораки...

„Добровечер Аргентинци, обновата на земјата почнува денес“, рече Хавиер Милеј, новоизбраниот претседател на Аргентина.

Хавиер Милеј, кандидатот којшто со моторна пила порача развој и инвестиции за дрвната индустрија, победи на претседателските избори во аргентина. Тој ќе ја направи земјата повторно голема, пристигна првата честитка од поранешниот американски претседател Трамп. Ултрадесничар и популист, Милеј првите потези во закрепнувањето на земјата на тангото и на пампасите, што се соочува со 140-настотна инфлација, вети дека ќе ги направи со укинување на пезосот и воведувањето на доларот како платежно средство. Исто така најави и укинување на аргентинската Централна банка.

„Денес моделот на секаде присутниот банкрот завршува. Денес идејата дека државата е награда која се споделува меѓу политичарите и нивните пријатели заврши. Денес се враќаме на патеката која ќе ја направи оваа земја голема. Денес ги прифаќаме идеите на слободата, идеите на нашиот дипломат Хуан Батиста Алберди, творец на нашиот устав“, изјави Хавиер Милеј, новоизбран претседател на Аргентина.

„Што да мислам, многу сум среќен, не можам ништо повеќе да кажам. Покрај светскиот куп, ова е нешто поинаку. Многу, многу сум среќен“, рече поддржувач.

Телевизискиот водител и продуцент победи со 56 насто освоени гласови, пред 44-те проценти на министерот за економија, Серхио Маса. Тој веќе му ја честиташе победата на Милеј и го прифати поразот.

„Резултатите не се такви какви што ги очекувавме. Му посакав среќа на Милеј бидејќи е претседател на повеќето Аргентинци во наредните четири години. Имам порака до сограѓаните, порака за заеднички живот, дијалог и почит за мир. Тоа е најдобар одговор на сите насилства и дисквалификации со кои се соочивме“, изјави Серхио Маса, претседателски кандидат на Унија за државата.

Белата куќа се надева на натамошна соработка со Буенос Аирес, оттаму оценија и дека изборите биле слободни и демократски. Соседите Бразил и Колумбија со спротивставени ставови, првите му честитаа, вторите го нарекоа неолиберал, подложен на глобализацијата. Шоуменот и конзервативец Милеј е против сексуалното образование во училиштата и абортусот, прифатени и спроведувани од аргентинската влада пред три години.

 

 

Зоран Богатинов