ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Хагари: Хамас води војна од болниците

20.11.2023 12:37

Израелските тенкови ја опколија индонезиската болница во Газа. Тел Авив тврди-и таму се кријат терористи. Изнесоа нови докази за заложниците кои се носеле во „Ал Шифа“. Хамас ги негира тврдењата. Кина подготвена да соработува со арапските и исламските земји за ставање крај на конфликтот во Газа. Во Брисел неформален состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ за ситуацијата во Појасот...

Израелски тенкови се упатија кон индонезиската болница во Појасот Газа, откако изутрина пристигнаа извештаи дека објектот е погоден и има цивилни жртви. Тел Авив тврди дека и таму, како и во болницата „Ал Шифа“ постојат центри од кои милитантите извршуваат терористички операции. Претходно, Израел објави нови докази дека Хамас држел заложници во „Ал Шифа“. Во новообјавената снимка, портпаролот на одбраната посочува двајца странски заложници кои, не по своја волја, влегуваат во објектот.

„Освен овие двајца претходно, вооружени лица внесуваат уште еден заложник додека терористите ја чуваат просторијата. Сè уште не сме ги лоцирале и не сме ги спасиле. Нема да мируваме додека не го сториме тоа. Хамас се криел и ги убивал нашите заложници во болницата „Шифа“, градеше терористички тунели под објектот. Вистината е јасна-Хамас води војна од болниците“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Хамас ги отфрли обвинувањата.

„Нема такво нешто. Не затоа што успешно криеме, туку затоа што ова е вистината за која окупацијата лаже, исто како што лажеше и за фестивалот“, изјави Осама Хамдам, претставник на Хамас во Либан.

Премиерот Нетанјаху ги критикуваше палестинските власти за негирање на фактите за масакрот на 7-ми октомври.

„Палестинската управа рече нешто бесмислено-негираше дека Хамас го извршил ужасниот масакр на фестивалот. Всушност го обвини Израел за тоа. Ова е тотално превртување на вистината“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Кина подготвена да соработува со арапските и исламските земји за ставање крај на конфликтот во Газа.

„Ова не е првата војна што Израел ја објави против палестинскиот народ, но сака да ја направи да биде последна. Целосно го елиминира присуството на палестинците на сè што останало од историската земја во Палестина“, Ријад Ал-Малики, министер за надворешни работи на Палестина.

„Подготвени сме да работиме заедно со арапско-исламските земји за да ставиме крај на војната во Газа што е можно поскоро, да ја олесниме хуманитарната криза и да промовираме сеопфатно, правично и трајно решение за палестинското прашање“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.

Во Брисел шефовите на дипломатиите на ЕУ на неформален состанок за ситуацијата на Израел и Газа, по завршената посета на Борел на Блискиот Исток.

 

Бојана Крстевски