Коментар: Пред епилогот на вечното кошаркарско финале
02.06.2014 14:34
Актуелниот и двоен шампион води со 2:1 во 22-то македонско кошаркарско финале, прв пат во 7 обиди реално може да се надева на титула против вечниот ривал...

На ден до првата можна решавачка средба, на чекор за едните до небото, а за другите до бездната, ладната глава го констатира истото, што го имаше в предвид уште пред да почне финалето меѓу МЗТ Скопје и Работнички.
Актуелниот и двоен шампион води со 2:1 во 22-то македонско кошаркарско финале, прв пат во 7 обиди реално може да се надева на титула против вечниот ривал. Потврда за ова се двете победи со 15, односно 17 поени разлика, во кои што мечот беше решаван уште во првото полувреме. Од друга страна, најтрофејната екипа во македонската кошарка покажа заби со триумфот на вториот меч, со 6 поени разлика и не е исклучено да зададе уште некој удар. Кои се сличностите и разликите меѓу протагонистите во финалето?
Офанзивниот скок, подолгата клупа, поголемиот број на странци кои што ротираат во зависност од потребите, искуството од регионалната АБА Лига и европксиот УЛЕБ Куп, се на страната на Аеродромците. Традицијата во меѓусебните дуели, историјата во нашето првенство, желбата за надигрување и мотивите што со себе ги носи педигрето, се на страната на екипата од Градски Парк.
Кои од овие сегменти ќе пресудат во финалната серија, проценете сами. Во проценките, нека Ве води кошарката, нека Ве води реалноста, нека Ве води спортскиот дух. Четвртата средба меѓу двата синонима за кошарката во Македонија, е утре во 19:30, се игра во СЦ Борис Трајковски, преносот на МРТ Собраниски.
Бранко Чупески
