НАТО

Столтенберг утре во Скопје на средби со државниот врв, ќе се обрати и во Собранието

20.11.2023 12:54

Генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг утре доаѓа во Скопје. Ќе има средба со премиерот и државниот врв, ќе се обрати и пред пратениците. Столтенберг, балканската турнеја ја започна од Сараево…

Сараево, прва станица на балканската турнеја на првиот човек на НАТО, Столтенберг. Столтенберг порача сите босански политичари мора да работат на зачувување на единството.

„Ние сме загрижени од сецесионистичката и поделена реторика, како и од злонамерното странско мешање, вклучително и од Русија. Ова се заканува да ја поткопа стабилноста и ги попречува реформите. Сите политички лидери мора да работат на зачувување на единството, изградба на национални институции и помирување. Ова е клучно за стабилноста на безбедноста на земјата. НАТО е посветен на Босна и Херцеговина многу години. Вашата безбедност е важна за регионот на Западен Балкан и таа е важна за Европа“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

„Сакам да кажам дека соработката со НАТО ни дава можност за подобрена безбедност, подобрување на нашите одбранбени капацитети. Ние учествуваме во меѓународните мировни мисии и со тоа ја подобруваме силата на нашите оружени сили, би сакал да истакнам дека овие елементи гарантираат дека можеме да одговориме соодветно на сите предизвици, вклучително и тероризмот и организираниот криминал, сите други закани што можат да претставуваат опасност, не само во Босна и Херцеговина, туку и во целиот свет“, рече Борјана Кристо- премиер на БиХ.

По Босна, Столтенберг попладнево во посета на Косово, каде неодамна НАТО упати дополнителни војници во мисијата КФОР, по тензиите на северот од земјата. На косовските политичари како и утредента на српскиот претседател Вучиќ, Столтенберг ќе упати барање за враќање на преговорите меѓу Приштина и Белград како единствено решение за намалување на дестабилизацијата.

По Сараево, Приштина и Белград, генералниот секретар на НАТО ќе пристигне во Скопје, каде освен со македонскиот државен врв ќе се сретне и со сојузниците Словенија, Црна Гора и Албанија.

Ирина Гелевска