Филипов: Столтенберг во Скопје, можност за консултации со сојузниците од јужното крило
Генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг утре доаѓа во Скопје. Ќе има средба со премиерот и државниот врв, ќе се обрати и пред пратениците, по што ќе се одржи неформален состанок на сојузниците од регионов. Столтенберг, балканската турнеја ја започна од Сараево…

Ненајавената турнеја на првиот човек на НАТО на регионот почна со најчувствителните точки-БиХ и Косово со цел НАТО да претстави план како Алијансата да се однесува во случај на несакани ситуации. Состанокот во Скопје, пак, е можност за консултации со сојузниците од јужното крило во случај на дестабилизација, оценува амбасадорот Филипов.
„Се работи за јужното крило. Се работи за една ако ја гледаме матичната структура на НАТО за места коишто се многу блиску до настаните на источното и на јужното крило и во кои се можни евентуални искричења. И затоа подобро е НАТО навреме да биде подготвено. И генералниот секретар тоа и го прави да ги запознае со сериозноста и веројатно и со некои наоѓања за кои јавноста не знае, со кои НАТО службите располагаат. Овие земји сите се малечки и немаат сопствени капацитети за самите имаат доволно податоци за да заземаат правилни ставови за овие настани и во Израел и во Украина“, смета амбасадорот Ѓорги Филипов.
Од Сараево, Столтенберг упати порака до сите босански политичари да го зачуваат единството на државата.
„Ние сме загрижени од сецесионистичката и поделена реторика, како и од злонамерното странско мешање, вклучително и од Русија. Ова се заканува да ја поткопа стабилноста и ги попречува реформите. Сите политички лидери мора да работат на зачувување на единството, изградба на национални институции и помирување. Ова е клучно за стабилноста на безбедноста на земјата“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.
По Сараево и Приштина, Столтенберг ќе го посети Белград, а потоа доаѓа во Скопје на средба со државниот врв. Генсекот на Алијансата ќе се обрати и во македонското Собрание, по што ќе се одржи неформален состанок на сојузниците од регионов.
Ирина Гелевска
