Скопје

Англиските навивачи пристигнаа во Скопје

20.11.2023 14:23

Во Националната арена „Тодрор Проески“ вечерва во 20.45 часот, македонската фудбалска репрезентација ќе игра против Англија. Квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство што ќе се одржи во Германија. Англиските навивачи пристигнаа во Скопје. Сите очекуваат спектакл...

Под силно полициско обезбедување со поставени барикади и затворени улици, англиските навивачи уживаа во ноемвриското сонце. Велат, Македонија е убава земја, пивото евтино ама квалитетно. По катастрофата којашто ни ја нанесоа на „Олд Трафорд“, каде што загубивме 7:0, фановите на „Гордиот Албион“ повторно се уверени дека ќе победат ама сега со помала разлика.

„Англија - Македонија? 5:0, 6:0 можеби. Или повеќе. Во Македонија пристигнавме пред еден час, сè уште не сме прошетале, но одлично е што имате евтино а одлично пиво“, изјави англиски навивач.

„Северна Македонија, прекрасна и сончева со евтино пиво, многу добро. Што се однесува до резултатот, 3:2 за Англија секако. Не типувам лошо, нели? Веќе сме квалификувани, така што се е супер“, вели друг навивач.

„Прекрасно е тука, сончево и многу топло. Во Англија е времето е многу мрачно, така што убаво се чувствувам. Вечерашниот натпревар ќе заврши во корист на Англија. Типувам 5:0“, додаде друг навивач.

Резултатот од овој натпревар не одлучува ништо – Англија веќе се квалификуваше, а Македонија ги загуби сите шанси. Од ФФМ ги повикаа сите навивачи на фер и спортско навивање, за натпреварот да биде вистински празник за љубителите на „бубамарата“.

Билетите за вечерашниот меч Македонија-Англија беа распродадени за рекордни 40 часа. На трибините „Тодор Проески“ се очекуваат околу 30.000 навивачи.

 

Александра Спировска