Израелско-Палестински конфликт

На повидок договор за ослободување на заложниците

21.11.2023 17:00

Хамас тврди дека се блиску до договор за примирје со Израел. Во Газа распоредени 10 илјади израелски војници. Создавањето независна палестинска држава е најдобриот начин да се гарантира безбедноста на Израел, изјави Борел…

Израелската војска ги притисна милитантите на Хамас во источниот дел на градот Газа. Продолжуваат жестоките улични борби. Одбраната тврди, напредокот е очигледен.

„Терористите на Хамас беа изненадени на терен, ги разбиваме нивните одбранбени линии притискајќи ги во источната област. Сега го чешламе истокот со железни чешли. Така ќе продолжиме додека не ја уништиме целата инфраструктура на Хамас на истокот“, изјави портпаролот на израелската одбрана, Даниел Хагари.

Во текот на операциите израелските сили под џамија, во областа Зејтун, пронашла просторија која наводно Хамас ја користи за производство на оружје.

Во исто време, милитантната група соопшти дека е блиску до договор за ослободување на заложниците. Потврда стигна и од Белата куќа.

„Правиме сè што можеме да ги вратиме заложниците. Веруваме дека сме поблиску до договор отколку што бевме, но, сè уште има работа што треба да се заврши. Ништо не е готово, додека конечно не е завршено“, изјави Џон Кирби, портпарол на Белата куќа.

 

„Во моментов се фокусираме на одбраната на северот со цел да постигнеме победа на југ. Првата цел, елиминацијата на Хамас не запира додека не се исполни. Втората, враќање на заложниците – напредуваме. Мислам дека не вреди да се каже премногу, ниту во овој момент, но се надевам дека наскоро ќе имаме добри вести“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

 

Стотици пациенти од индонезиската болница се евакуирани, откако установата беше погодена од проектил. Од СЗО соопштија дека здравствениот систем во Газа е под силен притисок. Израелската одбрана возврати на ударот на Хезболах, кој од Либан со дронови и ракети изврши напади врз северен Израел. По посетата на Блискиот Исток, шефот на европската дипломатија, Борел, изјави дека најдобрата гаранција за безбедноста на Израел е создавањето палестинска држава.

 

Бојана Крстевски