Работнички по ново чудо, МЗТ Скопје по претпоследен чекор кон врвот
Многумина и прогнозираа експресен крај за само пет дена, но финалната плеј-оф серија од кошаркарското првенство на Македонија ќе се одолжи барем уште еден натпревар. Во СЦ „Борис Трајковски“ за вечер од 19.30 часот е закажан третиот меч меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, откако по првите два резултатот е нерешен 1-1 во победи. Се игра „прв до три“.

Многумина и прогнозираа експресен крај за само пет дена, но финалната плеј-оф серија од кошаркарското првенство на Македонија ќе се одолжи барем уште еден натпревар. Во СЦ „Борис Трајковски“ за вечер од 19.30 часот е закажан третиот меч меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, откако по првите два резултатот е нерешен 1-1 во победи. Се игра „прв до три“.
Оваа средба нема да донесе промоција, но ќе има можеби пресудно влијание врз расплетот на шампионската трка. Како и да заврши, крајот ќе биде многу блиску, а по неа поразениот веќе ќе нема право на грешка. Четврточниот триумф на Работнички ја врати гордоста, ги обнови сеќавањата на годините на доминација и ги крена духот и расположението во редовите на најтрофејниот и особено кај неговите приврзаници. МЗТ Скопје падна пред најголемиот конкурент првпат по две и пол години и по седум победи едноподруго. Таквиот тек на настаните во овие неколку денови му даде уште поголема привлечност и шарм на завршниот фестивал во плеј-офот.
Трагите врз двете екипи коишто ги остави претходниот дуел многу веројатно ќе ја одредат насоката во којашто натаму ќе се движи серијата. Работнички гребна дел од реномето и од суетата на првакот, којшто наспроти сета доминација и предност во квалитет сезоната нема да ја заврши непоразен. Сепак, за неочекувана и изненадувачка шампионска промоција, којашто би му била прва по пет години, ќе му треба многу повеќе од само едно победничко издание. Сака ли и понатаму да сонува за 15-та титула токму во овој момент, ќе мора уште двапати да го турне противникот на колена и тоа речиси обврзно уште вечер. Ваквите сметки би имале реална основа кога отспротива не би бил МЗТ, којшто неприкосновено владее во нашата кошарка во претходните две сезони и по никоја цена нема намера да отстапи од престолот, без оглед на сета инспирација на предизвикувачот и на неговата еуфорија по последниот успех.
Традицијата во меѓусебните финални плеј-оф соочувања е на страна на Работнички. МЗТ никогаш досега не го освоил пехарот по триумф над вечниот ривал. Шестпати досега му подавал рака. Може ли и десет години по последното финале меѓу овие два тима да продолжи таквиот тренд или поради драстично променетите околности во македонската клупска кошарка улогите при крунисувањето сепак ќе бидат променети. Разврската ќе се насети по вечерашниот трет натпревар.
Во „Борис Трајковски“ домаќин е МЗТ Скопје, почетокот е во 19.30 часот, неколку минути пред тоа е и директниот пренос на Собраниски.
