Маричиќ: Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ
Според него, од декемврискиот самит на ЕУ се очекуваат охрабрувачки пораки, но не и, како што истакна, нешто спротивно од напишаното во Преговарачката рамка и во она што на земјава ѝ е зададено како обврска уште минатата година...

Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на ова партија кои решија свесно, со политичка одлука, да ја блокираат својата држава во натамошниот тек на преговорите, истакна вицепремиерот за европски прашања Маричиќ.
Според него, од декемврискиот самит на ЕУ се очекуваат охрабрувачки пораки, но не и, како што истакна, нешто спротивно од напишаното во Преговарачката рамка и во она што на земјава ѝ е зададено како обврска уште минатата година.
„Скринингот ќе заврши во првата недела од декември, ние ги подготвуваме и ќе ги испратиме оние патокази што ни се обврска од крајот на скринингот во Првиот кластер и тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени, а бидејќи во моментот тоа нема изгледи да се случи, треба да очекуваме застанување. Но, ние не се откажуваме од тоа до последниот ден на мандатот од овој собраниски состав, да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава“, нагласи вицепремиерот Маричиќ.
