Македонија

Жители од кумановско бараат подобрување на сигнализацијата и безбеден железнички премин

21.11.2023 13:36

Подобра сообраќајна сигнализација и безбеден железнички премин бараат жителите на кумановско Лопате. На овој премин пред само неколку дена се случи незгода, во која локомотива удри комби. Две лица завршија со повреди. Преминот е прометен, бидејќи патот го користат граѓаните кои се упатуваат кон липковско, но и границата со Косово…

Жители на кумановско Лопате, но и од липковскиот регион бараат итно да се подобри сообраќајната сигнализација на железничкиот премин. Посочуваат дека рампите, но и звучните сигнали не работат. Проблем е и местоположбата на самиот премин и објектот покрај пругата, кој го затвора погледот. Пред само неколку дена локомотива удри во комби, по што две лица завршија со полесни повреди.

„Преминот сега е многу прооден затоа што овој пат врзува две држави, луѓето доаѓаат од Штип, Радовиш, а не знаат дека овде има премин, железничка пруга, за нив е проблем, за нас“, истакна жител на липковско.

„Видов возот дојде, а семафорите не работат, рампата не беше спуштена“, посочи друг жител.

На овој железнички премин во неколку наврати досега имало незгоди.

На преминот во Лопате често поминуваат и деца. Жителите стравуваат за нивната безбедност.

Од Железници и инфраструктура велат дека преминот е целосно заштитен, осветлен и обезбеден со сигурносни уреди на највисоко ниво. На оваа делница посочуваат е предвидена модернизација со нови сигнално-сигурносни уреди, рампи и гумени елементи.

Елена Георгиевска