Мирен протест на вработените во канцеларијата на Народниот правобранител
Вработените во институцијата Народен правобранител излегуваат на мирни протести. Револтот од, како што велат, игнорантскиот однос на државните институции, Владата и Собранието, го искажаа 80-тина вработени. Бараат финансиска независност, но и поголеми плати…

Самостојност и финансиска независност, повисоки плати и изземање од Законот за административни службеници, побараа на мирен протест вработените во канцеларијата на Народниот правобранител. Поради закочената постапка на усвојување на измените и дополнувањата на постојниот Закон за Народниот правобранител, не може да се надминат одредени слабости нотирани и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, велат од синдикатот.
Мирниот протест, со кој не се попречува работата на институцијата Народен правобранител, ќе трае пет работни денови, а ако не вроди со плод, од синдикатот најавуваат и порадикални чекори.
За в петок, најавен е и поголем протест пред македонското Собрание на кој, освен вработените во канцеларијата на Народниот правобранител, ќе присуствуваат и вработените во јавните обвинителства, судската полиција и стручните служби на Фондот за здравствено осигурување. Од синдикатот ги покануваат и сите оние коишто, како што велат, се незадоволни од менаџирањето со народните пари, постојаниот одлив на кадри од институциите и воопшто, со владините политики.
Марија Котовска
