Политика

Меѓусебни обвинувања за блокадата во евроинтеграциите

21.11.2023 15:03

Вицепремиерот Маричиќ повтори дека блокадата на државата во овој момент има име и презиме, дека тоа се ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на оваа политичка партија. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираат дека европската агенда е блокирана од неспособноста и криминалот на владата на СДСМ и ДУИ…

Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ повтори дека блокадата на државата во овој момент има име и презиме, дека тоа се ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на оваа политичка партија, кои свесно, со политичка одлука, ја блокираат државата во понатамошниот тек на преговорите.

Според него, не може да очекуваме дека на декемврискиот самит ќе се случи нешто спротивно од тоа што е напишано во преговарачката рамка и од тоа што веќе ни е дадено како обврска.

„Скринингот ќе заврши во првата недела од декември, ние ги подготвуваме и ќе ги испратиме оние патокази што ни се обврска од крајот на скринингот во Првиот кластер и тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени, а бидејќи во моментот тоа нема изгледи да се случи, треба да очекуваме застанување. Но, ние не се откажуваме од тоа до последниот ден на мандатот од овој собраниски состав, да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава“, изјави Маричиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираат дека европската агенда е блокирана од неспособноста и криминалот на владата на СДСМ и ДУИ.

„Маричиќ е министерот кој го има најлошиот извештај на Европската унија досега. Дополнително европската агенда е блокирана пред сè поради неспособноста и криминалот на владата, и поради обидот да се наметне бугарски диктат кој го поддржува владата на Ковачевски“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, со Маричиќ, СДСМ и ДУИ, Европската унија е само далечна желба наместо реалност на која треба да работиме.

Игор Панов