Македонија

Столтенберг пристигна во Скопје – го пречекаа Ковачевски и Петровска

21.11.2023 15:52

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на Меѓународниот аеродром во Скопје го пречека генералниот секретар на НАТО – Алијансата, Јенс Столтенберг...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на Меѓународниот аеродром во Скопје го пречека генералниот секретар на НАТО – Алијансата, Јенс Столтенберг.

„Добредојдовте во Северна Македонија, посветен и докажан сојузник во Алијансата. Почестени сме што во македонскиот главен град ќе се реализира заедничката средба со лидерите на Северна Македонија и сојузниците – Албанија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Тоа покажува дека НАТО ја цени улогата на Северна Македонија како сојузник и важен столб стабилност во Западниот Балкан“, рече министерката по пречекот на генералниот секретар на НАТО.

Пред Владата го пречека премиерот Димитар Ковачевски, а како што соопшти владината прес-служба, предвидена е тет-а-тет средба, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации. Потоа, Ковачевски и Столтенберг ќе одржат прес-конференција во Медија центарот на Владата.

Посетата на генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг на Северна Македонија е во рамките на неговата четиридневна посета на Западниот Балкан.