Увидот во Собранието заврши, се очекува да се соопшти висината на штетата
Заврши увидот на полицијата за инцидентот во Собранието. Поднесено е известување до Обвинителството. Се очекува да се соопшти висината на штетата, од Левица рекоа дека сами ќе ја платат...

Заврши увидот од страна на полицијата за инцидентот во Собранието. Поднеле известување до скопското Јавно обвинителство.
СВР Скопје поднесе известување до ОЈО Скопје и се постапува по насоки на ОЈО Скопје за целосно расчистување на случајот, информираат од МВР.
Завршија и проценките од страна на собраниска комисија, осигурителна компанија и Бирото за судски вештачења, информираат од кабинетот на собранискиот спикер. Се очекува да се соопшти висината на штетата.
Спикерот Џафери за МИА вели дека Крмов ќе треба да ја плати направената штета, а понатаму процедурата треба да продолжи во ОЈО.
„Постапката треба да ја води Обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата. За тоа колкава материјална штета е направена дополнително ќе биде соопштено, но ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар на претседавачката маса во пленарната сала“, изјави за МИА собранискиот спикер.
Од Левица рекоа дека сами ќе ја платат. Јавно прашаа кој ќе ги врати парите на граѓаните. Обвинија дека СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ дејствувале синхронизирано во Законодавниот дом. Тие ќе останеле да дејствуваат како опозиција.
„Одговорност за дивеењето на Левица во Собранието мора да има“, став на социјалдемократите.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека привидниот театар на Левица, поддржан од власта во Собранието, бил со цел подигање на намалениот рејтинг, на двете страни.
„Зошто Левица не направи вака за други многу поважни теми, отколку измени, на Деловник за работа на Собрание, кои се прават често. Ова сценарио на власта и Левица е толку привидно што ни Мисовски ни Талат Џафери не го повикаа собраниското обезбедување, кога 10 минути некој го крши Собранието“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради инцидентот во пленарната сала, седницата се одржа во големата сала под куполата. Иако требаше да се дебатира за пролонгирањето на рокот за работата на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“, тоа не се случи, со образложение дека нема деловнички можности. Немаше кворум ни да се избере директор на ОТА.
Наташа Гркова-Петрушевска
