И Бајден оптимист за постигнување на договор со Хамас
Постигнат е напредок за ослободување на заложниците што ги држи Хамас, тврди премиерот Нетанјаху. Израелската одбрана со нови докази, цивилните објекти во Газа биле користени од терористите. Европската унија даде зелено светло за продолжување на развојната помош за Палестинците...

Во текот на операциите израелските сили во областа Зејтун под џамија пронашле просторија која наводно Хамас ја користи за производство на оружје. Во исто време, милитантна група соопшти дека е блиску до договор за ослободување на заложниците. Потврда стигна и од Белата куќа.
„Неодамна зборував и со премиерот Нетанјаху и со емирот на Катар. Мојот тим беше во регионот и се движи меѓу главните градови. Сега сме многу блиску – би можеле да донесеме некои од овие заложници дома многу наскоро, но не сакам да навлегувам во деталите за работите бидејќи ништо не е направено додека не се заврши. И кога ќе имаме повеќе да кажеме, ќе кажеме, но работите изгледаат добро во моментов“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
„Во моментов се фокусираме на одбраната на северот со цел да постигнеме победа на југ. Првата цел, елиминацијата на Хамас не запира додека не се исполни. Втората, враќање на заложниците – напредуваме. Мислам дека не вреди да се каже премногу, ниту во овој момент, но се надевам дека наскоро ќе имаме добри вести“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израелската војска ги притисна милитантите на Хамас во источниот дел на градот Газа. Продолжуваат жестоките улични борби. Одбраната тврди – напредокот е очигледен. Од СЗО соопштија дека здравствениот систем во Газа е под силен притисок.
„Доколку пристапот на децата до вода и санитарни услови во Газа продолжи да биде ограничен и недоволен, ќе видиме трагичен пораст на смртност кај децата. Исто така, важно е да се знае дека во Газа почнува да врне. Сега заедно, децата се соочуваат со сериозна закана од болести“, изјави Џејмс Елдер, портпарол на ОН УНИЦЕФ.
„Болниците треба да бидат единственото последно безбедно место каде што луѓето можат да се засолнат. Да се одземе ваква установа значи ограбување на целото население“, изјави Кристијан Линдмајер, портпарол на СЗО.
Израелската одбрана возврати на ударот на Хезболах кој од Либан со дронови и ракети изврши напади врз северен Израел.
Бојана Крстевски
