Успешно се спроведува екстерното тестирање

02.06.2014 15:11

Започна екстерното тестирање. Учениците велат дека добро поминале и не се соочиле со проблем...

Учениците од четврто одделение до трета година средно седнаа на жешкото столче. Започна екстерното тестирање. Велат дека добро поминале и не се соочиле со проблем.

„Полагав англиски, лесни беа прашањата... Сите прашања беа од материјалот“, велат ден од учениците.

Дел од основците пак пред камерата на МТВ тврдат дека прашањата не им биле воопшто познати.

„Имаше многу прашања кои не беа од тие што ни ги дадоа... Имаше неколку што беа променети“, велат некои од учениците.

Изутринава немало проблеми ни со интернетот ни со техниката.

„Екстерното тестирање започна на време, во 9 часот и триесет минути учениците беа сите седнати пред компјутери, сите ученици се појавиа од списоците кои денес требаше да бидат тестирани, пиновите им беа поделени навремено“, изјави Благица Коровин, екстерен набљудувач.

„Најбитниот дел ни беше да ги известите учениците од лани при разгледувањето на прашањата да не стиснуваат крај, затоа што тоа беше најчесто проблемот лани, па после требаше приговори. Тоа беше од наша страна, да им укажеме, техниката е во ред, досега интернетот е добар така да нема никакви проблеми“, изјави Александар Канурков, директор на СЕПУГС Васил Антевски- Дрен.

Професорите веруваат дека учениците ќе постигнат добри резултати.

„Се надеваме дека се спремни бидејќи се држеше и дополнителна настава,  имаме и програма која што ги остварува сите сегменти од програмата по историја“, изјави Кристина Ѓеоргиева – Тасеска,  професор по историја во СЕПУГС Васил Антевски- Дрен.

Екстерното тестирање ќе се реализира до 10 јуни.

Резултатите од екстерното тестирање ќе бидат објавувани етапно, но предност ќе се даде на осмо одделенците бидејќи уписите за седно училиште се на 23 јуни.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска