Македонија

Столтенберг: Не гледаме воена закана од Русија кон ЗБ, регионот е безбеден

21.11.2023 21:06

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг во посета на Скопје, првпат како земја членка на НАТО. Владата го пречека со највисоки почести и оствари тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, а потоа се упати кон Собранието каде што им се обрати на народните избраници. Генералниот секретар на НАТО оствари средба и со претседателот Пендаровски. Главната порака која денеска ја испрати е дека нема закани за безбедноста во регионот, но сепак се внимателни. На утрешниот состанокот со земјите членки на Алијансата од регионот, ќе се разговара и за последните инциденти во Босна и Херцеговина и Косово...

Нема потврда на информациите од украинскиот претседател Зеленски дека Западен Балкан може да биде цел на руска закана. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг од Скопје испрати порака дека регионот е безбеден, иако – посочи интересен за Москва, но не за воено инволвирање. Првиот човек на НАТО уверува дека сојузниците ја гарантираат безбедноста на Северна Македонија која е респектабилен партнер во Алијансата, а воените авиони на Грција и Италија го чуваат македонското небо. Столтенберг ги поздрави исчекорот што го направи земјава со потпишување на преспанскиот договор и ги повика политички партии да работат заедно за иднината на земјата.

Премиерот Ковачевски вели дека НАТО се бори против руското влијание, но дека за тоа има соодветен одговор од институциите. Тој смета дека членството во Алијансата има придобивки кои се рефлектираат како зголемениот број на странски инвестиции, новоотворени работни места и повисоки плати.

Освен со премиерот, Столтенберг се сретна и со спикерот Џафери и со претседателот Пендаровски. На средбата во вилата Водно разговарале за идната соработка, регионалните безбедносни прашања и за состојбите во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина и случувањата на Блискиот Исток.

 

Анита Димитријевска – Велковска