Запленети 23 килограми марихуана, приведени 7 лица во акцијата „Мрежа“
02.06.2014 15:18
Дрогата запленета во рамки на акцијата „Мрежа“, при продажба на нарко-пазарите во соседството на големо би достигнала цена од околу 70 илјади евра, додека на мало вредноста би била неколкукратно повисока...

Околу 23 килограми високoквалитетна марихуана заплени МВР, а приведени се седум лица, со што е пресечен меѓународен канал за шверц со дрога од Албанија, преку Македонија кон Хрватска, при што е разбиена меѓународна криминална група.
Како што информираше на денешната прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, дрогата запленета во рамки на акцијата „Мрежа“, при продажба на нарко-пазарите во соседството на големо би достигнала цена од околу 70 илјади евра, додека на мало вредноста би била неколкукратно повисока.
Јанкулоска нагласи дека до Основното Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против 9 лица, вклучувајќи и двајца албански државјани осомничени за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Од приведените, четворица се македонски државјани на возраст од 22 до 52 години, тројца хрватски државјани на возраст од 40 до 54 години, а двајца албански државјани, по кои се трага, се осомничени дека биле дел од оваа криминална група.
