Израел и Хамас се договорија за четиридневна пауза во борбите
Израелската влада и Хамас договорија четиридневна пауза во борбите за да се овозможи ослободување на 50 заложници кои се држат во Газа. Договорот за ослободување на заложници е вистинска одлука, тврди премиерот Нетанјаху.

Израелската влада и Хамас договорија четиридневна пауза во борбите за да се овозможи ослободување на 50 заложници кои се држат во Газа, додека од израелските затвори ќе бидат пуштени 150 Палестинци. Договорот за ослободување на заложници е вистинска одлука, тврди премиерот Нетанјаху.
„Ние сме во војна и ќе ја продолжиме војната сè додека не ги постигнуваме сите наши цели. Важно е да го елиминираме Хамас, да ги вратиме сите наши киднапирани и исчезнати лица и гарантираме дека нема да има елемент во Газа што ќе му се заканува на Израел“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Синоќа демонстранти го блокираа центарот на Тел Авив со повик до Владата да преговара за ослободување на заложниците. Израелското воено раководство тврди дека војниците се подготвени за секоја одлука во интерес на земјата.
„Во моментов сме фокусирани на борба. Ќе знаеме како да се справиме со секоја одлука и ќе знаеме како да се подготвиме на начин со којшто ќе ја зачуваме нашата оперативна ситуација“, рече Даниел Хагари-портпарол на израелската одбрана.
САД и Катар, кој посредува со Хамас, велат дека со недели преговараат за заложниците и условите за нивно ослободување. Жестоки битки и натаму се водата на улиците во Газа. Палестинските здравствени власти алармираат за состојбата во болниците.
„Сега стравуваме дека израелската окупација ќе го спроведе истото однесување како во медицинскиот комплекс Ал-Шифа. Постои реална опасност по животот на сите кои се наоѓаат во индонезиската болница“, изјави Ашраф ал-Кидра-портпарол на Министерството за здравство на Газа.
Во меѓувреме, Египет ги отфрли сите обиди за принудно раселување на Палестинците од Појасот Газа на нивна територија и вети дека ќе ги искористи сите мерки за да ги заштити границите.
Маријана Димовска
