Завршува рокот за субвенции- најмногу барања за полјоделските култури
Земјоделците годинава ќе добијат 140 милиони евра субвенции. Во полјоделството ќе се исплатат 9.000 денари похектар ,за сточарството 2.800 и 1.000 денари, во зависност од добитокот што се одгледува...

Ниту Калифорнија, ниту Лос Анѓелес не го освои срцето на овчарот Танас. Пред 40 години замина од родното село, но за една година се врати.Тоа што го спечалил, вели, тука полесно ќе го заработи. Го зголеми стадото и продолжи да ги пасе овците.
„Бев во Америка една година, пробав, во Лос Анѓелес, заработив 16.000 долари и си дојдов назад“, објаснува Танас Петровски од село Штрбово, преспанско.
Сега е лесно да си земјоделец- вели Танас. Тој и годинава поднесе барање за субвенции.
„Земам субвенции, за овците, но и за бавчите со јаболка“, додава Танас.
Земјоделците годинава ќе добијат 140 милиони евра субвенции. Во полјоделството ќе се исплатат 9.000 денари похектар ,за сточарството 2.800 и 1.000 денари, во зависност од добитокот што се одгледува.
„Во нашата подрачна единица досега имаме 1.500 барања од земјоделците за субвенции, преовладуваат директните плаќања за полјоделските култури, директните плаќања на обележани грла говеда“, изјави Сунчица Георгиевска од Агенцијата за финансиска подршка за земјоделството.
Пријавувањето за субвенции почна на 17 март и завршува денеска. Барањата се поднесуваат електронски со евидентирани податоци во регистарот на стопанствата.
Заклучно со 2015 година на земјоделците ќе им бидат исплатени вкупно 670 милиони евра за субвенции во земјоделството. Целта е зголемувањето на конкурентноста на македонскиот земјоделски производ.
Дијана Ценевска
