Пендаровски: Проблемот на правната држава е клучен државен приоритет, од реформите ќе зависи понатамошниот развој
Во својот говор претседателот истакна дека недостатоци се забележуваат во функционирањето на судството во целина, во работата на Судскиот совет, справувањето со организираниот криминал и високата корупција, пристапот до правда, судењето во разумен рок, заштитата од дискриминација, а, во одредени случаи и со уставноста на законите што ги носи Собранието. Сето тоа влијае врз јавната перцепција и граѓанското незадоволство од функционирањето на државата и нејзините институции.

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на завршната конференција на Уставниот суд на тема „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба“, како дел од проектот „Промовирање на уставната жалба како најзначајно средство за заштита на основните права во Северна Македонија“.
Во својот говор претседателот истакна дека недостатоци се забележуваат во функционирањето на судството во целина, во работата на Судскиот совет, справувањето со организираниот криминал и високата корупција, пристапот до правда, судењето во разумен рок, заштитата од дискриминација, а, во одредени случаи и со уставноста на законите што ги носи Собранието. Сето тоа влијае врз јавната перцепција и граѓанското незадоволство од функционирањето на државата и нејзините институции.
Пендаровски нагласи дека проблемот на правната држава е клучен државен приоритет, а од успехот или неуспехот конечно да ги спроведеме неопходните реформи, ќе зависат многу процеси врзани со натамошниот развој на земјата.
Во овој контекст, според Пендаровски, исклучително значаен сегмент во реформите е и понатамошниот развој и работата на Уставниот суд.
Сметам дека во иднина Уставниот суд треба уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи. Еден начин, што е тема и на оваа конференција денес, се измени на уставот и воведување на уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите, нагласи претседателот Пендаровски во својот говор.
