Светските лидери го поздравија договорот за четиридневен прекин огнот меѓу Израел и Хамас
Падна договор за четиридневен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас за размена на заложници. Светските лидери го поздравија договореното и очекуваат хуманитарната помош да стигне до најпогодените. Во наредните 24 часа ќе се знае кога стартува примирјето. На фронтот, продолжуваат воените операции од воздух, копно и море...

Израелската влада и Хамас договорија четиридневна пауза во борбите за ослободување на 50 заложници, жени и деца, кои се држат во Газа, додека од израелските затвори ќе бидат пуштени 150 Палестинци. Меѓу другото, хуманитарната помош ќе може непречено да поминува во сите области на енклавата. Израелското воено раководство тврди дека со голема внимателност ќе ја следат целата операција.
„Ние ќе бидеме на нашите позиции. Ќе стоиме цврсто и подготвени, бидејќи знаеме дека Хамас има сомнително досие во минатото во однос на прекините на оган. Тие ги користеа овие типови на паузи во минатото за да извршат повеќе убиства и киднапирања. Затоа треба да бидеме многу силни во нашите одбранбени позиции. Ние сме подготвени“, изјави портпарол на израелските одбранбени сили, Питер Лернер.
Светските лидери го поздравија примирјето. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Борел, го подвлече ставот дека конфликтот меѓу Израел и Хамас на крајот ќе бара политичко решение.
„Целосно сум убеден дека не може да има воено решение за овој конфликт. Не може да се убие идеја. Единствениот начин е да се добие подобра идеја. А подобрата идеја, овде, може да биде само признавањето дека имате два народа кои се борат за иста земја повеќе од 100 години. Тие треба да можат да живеат заедно. Решението се две држави“, изјави шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
„Го поздравуваме постигнатиот договор. Во исто време, ја нагласуваме итната потреба, сите заложници веднаш да бидат ослободени и ќе работиме со нашите хуманитарни партнери за да ја искористиме паузата за хуманитарен бран во Газа“, изјави еврокомесарот за хуманитарна помош и управување со кризи, Јанез Ленарчич.
Израелските одбранбени сили објавија дека продолжуваат со операции од воздух, копно и море. Жителите во градот Газа изјавија дека борбите се интензивирале во текот на ноќта. Палестинските здравствени власти алармираат за состојбата во болниците.
„Сега стравуваме дека израелската окупација ќе го спроведе истото однесување, како во медицинскиот комплекс „Ал Шифа“. Постои реална опасност по животот на сите кои се наоѓаат во индонезиската болница“, изјави Ашраф ал-Кидра, портпарол на Министерството за здравство на Газа.
Во меѓувреме, Египет ги отфрли сите обиди за принудно раселување на Палестинците од Појасот Газа на нивна територија и вети дека ќе ги искористи сите мерки за да ги заштити границите.
Маријана Димовска
