Неформален НАТО состанок во Скопје

Во време на силни турбуленции, да се сочува мирот во регионот

22.11.2023 13:18

Лидерите на земјите од Западен Балкан – сојузници во НАТО, во Скопје на состанок со генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг…

Мирот во регионот мора да се сочува во време на силни турбуленции во светот. За безбедносните прашања и кризите во Украина и на Блискиот Исток, НАТО-сојузниците од Западен Балкан на неформален состанок со генералниот секретар Столтенберг во Скопје.

„Треба да разбереме зошто овој регион е од толкава важност. Ние не гледаме некоја воена закана против сојузниците на НАТО, но она што го гледаме е зголемување на тензиите, особено во Косово, но не гледаме директна воена закана против која било од земјите во регионот. Загрижени сме за настаните во земји од овој регион, но треба да се разбере силата и важноста на НАТО. На Косово го зголемивме присуството со потешко вооружување и околу 1.000 дополнителни трупи и секако, ние сме претпазливи, одблизу ја гледаме ситуацијата и ќе направиме сè што е потребно за да се заштитат сите сојузници. Кога нашите соседи се постабилни, ние сме посигурни“, изјави генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

Според него, има и сајбер закани, но и загрозување на демократскиот интегритет.

Премиерот Ковачевски информираше дека со соговорниците разговарале за актуелните прашања за регионот и за посветеноста на Алијанса кон неговата стабилност и безбедност.

„Нивото на информации коешто безбедносните служби на нашата држави ги имаат и ги споделуваат со земји-членки на НАТО во однос на поединци, групи и организации кои сакаат да го нарушат нивото на безбедноста во која било земја-членка на НАТО, вклучително и нашата е на ниво кое е незамисливо за оние кои не се детално вклучени во вакви прашања. Тоа значи дека системот на превенција, заедничко работење со централата на НАТО преку претставничката мисија, но и директната соработка со земјите-членки функционира на беспрекорно ниво“, нагласи Ковачевски.

Известува Викторија Милевска