Северна Кореја

Бурни реакции по лансирање шпионски сателит во вселената

22.11.2023 14:09

Бурни реакции по севернокорејското лансирање шпионски сателит во вселената. Јужна Кореја и САД преземаат мерки да го обезбедат регионот. Сеул суспендира дел од воениот договор со Пјонгјанг од 2018, САД најави дека ќе обезбеди заштита од каква било закана. Осуда пристигна и од Токио. За Северна Кореја лансирањето е легитимно право на земјата да ги зајакне своите одбранбени способности.

Јужна Кореја реши да суспендира дел од воениот договор што го потпиша со Пјонгјанг во 2018 година и да го врати воздушниот надзор во областа во близина на воената демаркациона линија, откако Северна Кореја ги игнорираше предупредувањата од САД и сојузниците и лансираше шпионски сателит.

„Лансирањето е јасно кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која и забранува на северна Кореја да истрелува балистички ракети и да спроведува акции коишто се закана за нашата национална безбедност. Мерката на Владата и Министерството за одбрана е неопходна за да се заштитат животите и безбедноста на јужнокорејскиот народ од севернокорејските нуклеарни закани и разни провокации“, изјави Хео Таееун – заменик министер за национална одбранбена политика на Јужна Кореја.

Осуда за потегот на Пјонгјанг дојде и од Белата куќа која го обвини Јонг-Ун за зголемување на тензиите и можно дестабилизирање на регионот.

„Алијансата САД-Рок останува на високо ниво да обезбеди подготвеност за заштита на Република Кореја од каква било закана, а тоа го вклучува целиот опсег на одбранбени способности на САД“, изјави Карлос Сардиело -командант на „Кариер Страјк Груп-1“.

Според Сеул, најновиот обид за лансирање најверојатно вклучува техничка помош од Москва како дел од партнерство во кое Северна Кореја испратила милиони артилериски гранати во Русија. Реагираше и Токио.

„Од изминатата година, Северна Кореја постојано лансира балистички ракети со невидена брзина и ние признаваме дека таа брзо ја подобрува својата технологија и оперативните способности поврзани со ракетите. Повторените лансирања на Пјонгјанг со користење технологија на балистички ракети се целосно неприфатливи“, изјави Хироказу Мацуно - главен секретар на кабинетот на Јапонија.

За Северна Кореја лансирањето е легитимно право на земјата да ги зајакне своите одбранбени способности.

Бојана Крстевски